
„Без крв“ на Интернационалниот театарски фестивал Варненско лето
„Без крв“ на Интернационалниот театарски фестивал Варненско лето
По меѓународниот успех на фестивалот МИТЕМ во Унгарија и триумфот на наградите „АСКЕЕР“ минатиот месец, претставата „Без крв“ ќе се изведе на Интернационалниот театарски фестивал „Варненско лето“. Претставата, која е одамна распродадена, ќе биде изведена во четврток, 05.6.2025 на сцената на Драмскиот театар Стојан Бочваров во Варна.
Фестивалот е дел од заедничката фестивалска рамка во Варна, која вклучува и други настани со долга традиција: музички фестивал од 1926 година, балетски натпревар од 1964 година, џез и фолклорни фестивали од 1992 година. Главен организатор на фестивалот е Фондацијата „Via Fest“ во постојано партнерство со Министерството за култура, Општина Варна и Бугарската асоцијација за театар. Фестивалот е основан во 1993 година и првите негови изданија се состојат од селектирани бугарски претстави. По 1995 година, тој се претвора во меѓународен форум и нуди придружна програма во форма на работилници, изложби, конференции, семинари и др. Фестивалските простори се зголемуваат и покрај традиционалните домаќини како Драмски театар – Варна и Државен куклен театар – Варна, се вклучуваат и Фестивалскиот и конгресен центар – Варна, Градската уметничка галерија – Варна, Археолошкиот музеј – Варна, галеријата „Графит“ и други. Фестивалот сè повеќе гради партнерства и соработка со различни локални, национални и меѓународни организации, во соработка со кои реализира конференциски средби, едукативни модули и копродукции.
Претставата „Без крв“, работена по романот на италијанскиот писател Алесандро Барико, е копродукциски проект меѓу Драмскиот театар – Пловдив и Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ – Велес, а на режисерската позиција стои Диана Добрева, која денес важи за една од водечките театарски режисерки во Европа, додека авторската адаптација е на Александар Секулов. Актерските изведби се на Магарита Гошева, Васил Зафирчев, Исидор Јованоски, Патриција Пундева, Филип Христовски, Кети Борисовска, Елена Кабаскалова, Симеон Алексиев и уште десетина други актери кои заедно создаваат ансамбл од човечки гласови, тела и судбини. Сценографијата е на Валентин Светозарев, а музиката е компонирана од Јавор Карагитлиев и Сашко Костов, кој ја изведува во живо. Кореографијата на претставата е на Олга Панго, додека костимите на Раде Василев и Елена Вангеловска.
Во сабота пак, на сцената на Драмскиот театар во Пловдив, распродадена е последната изведба на претставата за оваа сезона.


