
Диана Добрева: Треба да сонуваме за еден помилосрден свет
Диана Добрева: Треба да сонуваме за еден помилосрден свет
Анита Ангелова разговара со режисерката Дијана Добрева за претставата „Без крв“ според Алесандро Барико, Драмски театар „Н. О. Масалитинов“, Пловдив и Народен театар ЈХК Џинот, Велес.
Како се роди идејата за заедничка продукција помеѓу пловдивскиот Драмски театар и Народниот театар од Велес, Северна Македонија? Какви нови хоризонти ви отвори оваа соработка како режисер?
Идејата за оваа копродукција дојде од тогашниот директор на театарот во Велес – Сашо Димоски, кој имаше голем интерес за мојата работа како режисер. Тој со години ги следеше моите проекти и дури доаѓаше специјално во Бугарија за да ги гледа претставите – како во Пловдивскиот театар, така и во Народниот театар.
Идејата за ова дело дојде од мене и Александар Секулов. Првично, тоа требаше да биде проект само во Пловдивскиот театар, бидејќи, како што знаете, имаме афинитет кон творештвото на Алесандро Барико. Веќе ја реализиравме „Свила“, а „Без крв“ беше една од нашите големи желби. Се надеваме дека нема да застанеме тука и дека ќе продолжиме да работиме на негови дела.
Кога веќе ја донесовме одлуката да ја поставиме „Без крв“ во Пловдив, Сашо Димоски го покани нашиот спектакл „Одисеј“ на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“ во Велес, каде што ја добивме наградата за најдобра претстава. Токму таму, низ разговори со него, сфативме дека темата која ја обработува романот „Без крв“ може да биде основа за создавање важен мост меѓу двете земји.
Така дојдовме до одлуката претставата да се реализира како копродукција меѓу двата театри, со учество на актери од Северна Македонија и Бугарија, при што секој од нив зборува на својот мајчин јазик. Во креативниот тим вклучивме и други уметници од Северна Македонија – извонредни професионалци: сценографот Валентин Светозарев, костимографите Раде Василев и Елена Вангеловска, кореографката Олга Панго и неверојатниот композитор Сашко Костов.
Логистиката не беше лесна, но желбата на двете страни беше толку силна што на крајот сè се реализираше. Човек треба само да знае која му е целта, тогаш патот е исполнет со љубов. Тоа беше почетокот на процесот, а потоа целиот тим пристигна во Пловдив. Актерите и креативниот тим поминаа два месеца во градот, каде што работеа и живееја. Среќни сме што проектот доби убав крај за сите.
„Без крв“ гостуваше на фестивалот МОТ во Скопје, учествуваше и на Меѓународниот театарски фестивал MITEM во Будимпешта, каде што имаше голем успех. Претставата беше наградена со наградата „Аскеер“ во неколку категории, што не направи многу среќни. Тимот од Северна Македонија беше поласкан од ова признание.
Сега со нетрпение го очекуваме нашето гостување во Варна – имам долгорочна врска со фестивалот „Варненско лето“. Секогаш е голема радост и празник кога играме таму. Многу ја сакам варненската публика и се надевам дека и таа ги сака моите претстави. Со огромно нетрпение ја очекуваме оваа средба.
Добивте „Аскеер“ за режијата на „Без крв“, а во говорот рековте дека „театарот го прави она што политиката не успева“. Што може уметноста денес, што политичките институции често го пропуштаат? И каде е границата помеѓу социјалната ангажираност и уметничкиот израз?
Тоа е тема со која се занимава и самата драматургија на романот од Алесандро Барико. Таа е вткаена во неговата структура. Имено – за простувањето како единствен можен начин да продолжиш понатаму. Се разгледува способноста да му простиш дури и на оној човек кого го сметаш за свој најголем непријател. И не само да му простиш, туку и да го засакаш. Тоа е квалитет за кој не знам дали воопшто може да се постигне во политиката.
Кога во Пловдив се собравме сите за да работиме, се создаде неверојатен процес. Беше исполнет со занес од љубов и благодарност, што креативните енергии на двата народа можеа да се спојат на едно место. Имавме прекрасен, длабок и значаен процес за време на пробите. Кога дојде моментот на разделба, на сите ни беше многу тажно, затоа што љубовта што се роди меѓу нас беше огромна. Политиката не знае да посвети внимание на поединецот. Недостига емпатија кон судбината на индивидата. Човечноста е првото нешто што може да нè одведе по патот на спасението. Како тоа се постигнува во политиката – не знам. Но знам дека во театарот е можно.
Во претставата има сцени на напнатост и насилство, но и моменти на апсолутна интимност. Како работевте со актерите на изградбата на таа емоционална палета и како го вметнавте танцот во неа?
Ние, балканските народи, сме многу блиски по темперамент и по сетилното доживување на светот. Затоа процесот беше исклучително лесен. Работела сум и со француски актери и со претставници од други националности, но досега не сум почувствувала вакво обединување како тоа на балканските уметници – околу чувството за животот, за светот. Освен што имаме сличен темперамент, многу ни се слични и болките. Слични ни се тагите и работите што нè прават среќни. Болеста на душата, како да ни е иста.
Процесот беше многу лесен и се разбравме буквално со една единствена реч. Олга Панго, кореографката на претставата, која во тоа време беше директорка на Националниот балет на Северна Македонија, направи извонредна работа. Таа е голем професионалец. Секој што ќе ја гледа „Без крв“ ќе го почувствува нејзиниот придонес – тој е величествен.
Во „Без крв“ се соочувате со предизвикот да работите со деца. Кој беше највредниот придонес што децата го внесоа во енергијата и пораката на претставата?
Децата се исклучително важни за оваа претстава. Целата приказна започнува со едно девојче кое станува сведок на убиството на своето семејство. Таа лична трагедија – да ги изгубиш најблиските пред свои очи – е во срцето на драматургијата. Претставата ја следи болката на тоа дете, низ што минува, како се обидува да се помири со слученото и дали воопшто е можно човек да се помири со таква судбина.
Главната линија на претставата е токму помирувањето со она што си го доживеал како дете – товар што го носиш како крст и судбина целиот живот – и како тоа може да се надмине. Кој е излезот низ кој можеш да се спасиш, носејќи толкава тежина во срцето уште од детството?
Присуството на децата беше неопходно, затоа што сè започнува токму од едно дете. Освен тоа, јас секогаш сум сакала да работам со деца. Во многу од моите претстави сум вклучувала деца и сметам дека тие се едни од најдисциплинираните актери што сум ги сретнала. Тие се концентрирани, не прават грешки, не забораваат ниедна реплика. Во извесна смисла – тие се совршени актери.
Уште од мојата прва претстава „Медеја“ (2006) работам со деца. Сакам да работам со нив и тоа често го правам. Се покажува дека, години подоцна, за тие деца што учествувале во моите претстави, тоа останува како незаборавен спомен и среќен момент од нивниот живот. Затоа верувам дека вклучувањето на деца во претставата е вредно и за двете страни. Тие се полнокрвни учесници, со вистинско актерско присуство.
Друг важен елемент во вашата претстава, како што веќе спомнавте, е прекрасната музика на Сашко Костов и Јавор Карагитлиев. Таа не е само позадина, туку дејствува како самостоен лик. Каква беше улогата на живото музичко присуство во градењето на емоционалниот свет на претставата?
Едно од вистинските чуда во овој процес беше соработката помеѓу нашиот композитор Јавор Карагитлиев и Сашко Костов од Северна Македонија. Тие двајца беа неверојатен тандем во текот на целата работа. Музиката се создаваше во салата, додека репетиравме. Сè се раѓаше на лице место – сите звуци, песни, што се слушаат во одредени делови од претставата.
Речиси сè се изведува во живо, а она што е снимено, исто така е настанато за време на пробите. Нивната интеракција беше извонредна.
Звучниот свет на претставата е многу комплексен. Звукот треба да реагира на гестови, на точно определени чекори. Решивме дека музиката треба да биде вистински лик. Дополнителен елемент што дише заедно со актерите и ја носи претставата на свои крилја. Затоа решивме таа да биде жива.
Сашко Костов следи сè во реално време – актерите, нивната игра, нивното дишење. Тој реагира со музика во синхронизација со нив. Целиот звучен пејзаж што го слуша публиката – 95% од него се создава во живо. Сашко е исклучителен перформер. Тој обожава да работи во живо. За време на претставата, целото дејство минува низ него. Секогаш за него е како првпат – вистинско, емотивно учество, во кое се вложува целосно. Тоа е огромен плус за претставата.
Која порака сакате публиката да ја понесе со себе?
Пораката на оваа претстава е една од најважните што можеме да ја испратиме денес, особено во овој свет исполнет со војни и темнина. Таа е јасна: ако не поминеме низ милосрдие, простување и љубов – нема спас за нас.
Како што покажува и финалето на претставата – ако не се стремиме да го направиме светот барем малку посочувствителен, ако не ги омекнеме срцата и не научиме да простуваме, да сакаме дури и оној што направил нешто непростливо – нема како да одиме напред.
Знам дека звучи утопистички, но понекогаш во уметноста не е лошо да посакаме. Да сонуваме за еден помилосрден свет, во кој не се пролева крв. Верувам дека оваа претстава не е само театарска продукција. Таа носи мисија што ја надминува сцената. Среќна сум што најдовме сила и волја да ја создадеме.



