Меѓународен успех за „Без крв“

Македонско-бугарската копродукција „Без крв“, сценска адаптација на романот од Алесандро Барико во режија на Диана Добрева, бележи значаен меѓународен успех со вкупно пет номинации за АСКЕЕР – најпрестижните годишни награди за театар во Република Бугарија.

Оваа претстава, копродукција меѓу Драмски театар Пловдив и Народен театар Џинот, Велес, со партнерство на Културно-информатиовнот центар на Р. Бугарија во Р. С. Македонија, номинирана е во категориите: најдобра претстава, продуценти: Сузана Хартунијан Василевска и Сашо Димоски, најдобра режија Дијана Добрева, најдобра сценографија Валентин Светозарев, најдобра костимографија: Раде Василев и Елена Вангеловска и најдобра авторска музика, Сашко Костов и Јавор Карагитлиев.

Оваа продукција претставува заеднички, пионерски театарски потфат меѓу Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ – Велес и Драмски театар – Пловдив, како дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“. Во актерската екипа учествуваат уметници од двете земји: Маргита Гошева, Васил Зафирчев, Константин Еленков, Патриција Пандева, Исидор Јованоски, Филип Христовски, Красимир Василев, Георги Вачев, Кети Борисовска, Симеон Алексиев, Елена Кабасакалова, Катрин Гачева, Златко Шарков, Филип Василевски и Елена Димитрова.

Претставата е базирана на новелетата „Без крв“ од италијанскиот автор Алесандро Барико, во превод на Толја Радева. Авторската адаптација е на Александар Секулов, сценската верзија и режијата на Дијана Добрева, несомнено најзначајната режисерка во Европа во мигов. Тимот вклучува врвни соработници: сценографија на Валентин Светозарев, костимографија на Раде Василев и Елена Вангеловска, музика на Јавор Карагитлиев и Сашко Костов (кој настапува и со музика во живо), кореографија на Олга Панго, превод на македонски од Ана Батева, фотографија на Георги Вачев и дизајн на постерот од Јавор Димитров. Продуценти се Сузана Хартунијан Василевска и Сашо Димоски.

Свеченото доделување на наградите АСКЕЕР ќе се одржи на 24 мај 2025 година во Театарот на Армијата во Софија, на празникот на словенската писменост и култура.

Следната изведба на претставата ќе се случи на 17 мај 2025 во рамки на реномираниот фестивал МИТЕМ во Будимпешта, на големата сцена на Националниот театар на Унгарија. Учеството на МИТЕМ – еден од водечките европски фестивали на национални театри – претставува исклучителна чест и потврда за високата уметничка и продукциска вредност на „Без крв“. Претставата ќе биде дел од избрана меѓународна програма со учесници од најреномирани театри од целиот свет, претставувајќи ја балканската современа сцена пред глобална театарска публика и критика.