
„Приказната на Електра“ од Сашо Димоски во режија на Дејан Пројковски со светска премиера во Јужна Кореја
Македонско-корејскиот интернационален тим ги започна подготовките за праизведбата на „Приказната на Електра“, предвидена за 26.7.2025, на свеченото затворање на 43. издание на Националниот театрски фестивал на Јужна Кореjа, кој годинава се одржува во волшебниот остров Инчеон.
Оваа театарска претстава е реализирана во копродукција помеѓу Театарската асоцијација на Јужна Кореја , Националниот театарски фестивал Инчеон и продукциската куќа Креативна продукција Скопје . Партнер на Европската премиера е Фестивалот Охридско лето – на чие затворање, на 20.8.2025, ќе биде изведена претставата.
Претставата претставува современа драматуршка интерпретација на древниот мит за Електра, поставена преку визуелно богата и емоционално интензивна сценографија, музика и движење.
Овој пионерски потфат меѓу уметници од двете држава ги вклучува:
- Автор на текстот и драматург: Сашо Димоски,
- Режисер: Дејан Пројковски,
- Композитор: Сашко Костов,
- Сценографија, видео-дизајн и постер: Сергеј Светозарев,
- Костимографија: Раде Василев,
- Кореографија: Кјонг Ен Ли (Kyoung Eun Lee / Jaemi Ryu),
- Асистент на режисерот и драматургот: Мари Шин (Marie Shin / Shim),
- Дизајн на светло: Џеонгсу Ли (Jeongsoo Lee,
- Извршен продуцент: Џинион Јун (Jinyoung Youn),
- Продуцент: Хје Јеонг Чунг (Hye Jeung Chung),
- Уметнички директор: Џеонг Ву Сон (Jeoung Woo Son)
Актерската екипа, избрана на национален кастинг кој се одржа во фебрукари годинава, вклучива исклучителни имиња на корејската театарска сцена:
- Ким Чоин – Електра / Ифигенија
- Ким Сеонг-ми – Клитемнестра / Касандра
- Чои Минхјок – Орест
- Јанг Мин Ки – Агамемнон
- Ха Џин – Егист
„Приказната на Електра“ ги отвора старогрчките митови од перспективата на современиот човек, со фокус на темите за семејството, насилството, меморијата и судбината. Претставата се одликува со визуелна комплексност и суптилна емотивна длабочина, што претставува заштитен знак на Пројковски како режисер и Димоски како автор – соработка која ја потврдиле во неколку значајни интернационални театарски проекти.
Со оваа премиера, македонската уметничка продукција добива значајна интернационална видливост. Соработката со најголемите корејски културни институции и фестивали претставува не само културен мост помеѓу Истокот и Балканот, туку и потврда за високите дострели на современиот македонски театар и неговите творци, бивајќи чин на културната дипломатија од особен вид.


